MKinformer

your daily dose of news

Коњановски за првите 100 дена: Инфраструктура, градинки, спорт и енергетска транзиција во фокусот на Битола

09/02/2026 16:58

Во првите 100 дена од мандатот, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека општината работела со јасен фокус на инфраструктурата, образованието, спортот, културата и енергетската транзиција, со цел подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Во овој период беше отворена новата градинка „Пчеличка“, со капацитет за 76 деца, адаптирана од поранешниот Дом за доенчиња и мали деца, со што се зголемуваат капацитетите за згрижување на најмладите.

Во рамки на инфраструктурните активности, асфалтирани се делови од улицата „16-та“, се поплочуваат тротоари на новата улица СРУ 5, а во месноста Областа се изведуваат три нови детски игралишта.

Коњановски најави дека во 2026 година се планирани 53 реконструкции на улици и локални патишта, како и изградба на шест нови паркинг-простори на повеќе локации низ градот. Во делот на спортската инфраструктура се работи на подготовки за мултифункционален спортски комплекс, атлетска патека и борилиште на стадионот Петар Милошевски.

Во образованието продолжуваат реконструкциите на училишни спортски сали, изградбата на нови игралишта и ученички објекти, додека во областа на животната средина се реализираат проекти за одводнување и прочистување на отпадни води на 25 локации, како и системи за водоснабдување.

Градоначалникот нагласи дека дигитализацијата е еден од клучните приоритети, преку промоција на националниот портал Е-услуги, а општината активно се вклучува и во праведната енергетска транзиција со поставување фотоволтаици во училишта и јавни објекти.

Во областа на спортот и културата, Битола беше домаќин на натпревари на Македонската фудбалска репрезентација до 21 година, а реализирани се и проекти за ракомет, бокс и други спортски активности. Општината организираше и јавни трибини, активности за волонтери, како и поддршка за лица со попреченост и старо население.

Коњановски посочи дека Битола го развива и туризмот, преку изработка на физибилити студија за гондола на Пелистер и градежни активности за планинарскиот дом Копанки.

„Не се фалиме, само работиме. Критиките не нè обесхрабруваат, туку нè мотивираат да продолжиме“, порача градоначалникот, нагласувајќи дека сите проекти ќе бидат следени со транспарентно информирање на јавноста, со цел локалната самоуправа да остане сервис на граѓаните.

error: Содржината е заштитена од копирање !!