MKinformer

your daily dose of news

Кривична пријава против екс-градоначалникот на Чашка

13/02/2026 15:44

Секторот за внатрешни работи Велес поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Велес против Г.С. (47) од Чашка, под сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 од Кривичниот законик.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, пријавениот, во својство на градоначалник на општина Чашка, постапувал спротивно на законските прописи.

Имено, на десет вработени во општината во повеќе наврати им биле исплаќани средства од буџетската сметка по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако не ги исполнувале условите утврдени со Законот за државни службеници.

Дополнително, на уште едно лице му била исплатена бонус плата спротивно на одредбите од Законот за работни односи, без исполнување на законските критериуми за таква исплата.

Со овие постапки, според полицијата, вкупно 11 лица стекнале противправна имотна корист, при што на буџетот на општина Чашка му била нанесена штета во износ од 725.562 денари.

Воедно, пријавениот издал решение за вработување на работно место за кое според актот за систематизација била предвидена само една позиција, иако истото веќе било пополнето.

Случајот е доставен до надлежното обвинителство, кое ќе постапува понатаму во согласност со законските надлежности.

error: Содржината е заштитена од копирање !!