MKinformer

your daily dose of news

Се повлекува Вардар во Тетовско, но патот Тумчевиште-Чегране останува затворен

18/02/2026 12:39

Нивото на реката Вардар во Тетовско е намалено во однос на изминатите три дена и во моментов нема опасност од ново излевање, информираат од Центар за управување со кризи (ЦУК).

И покрај стабилизацијата, патниот правец од селото Тумчевиште до селото Чегране сè уште е затворен за сообраќај поради безбедносни причини.

Во текот на ноќта, во селата Нераште и Глоѓи, во рамки на Општина Теарце, паднале две бандери на Телеком. Во Нераште бандерата е покрај патот и не го попречува сообраќајот, додека во Глоѓи е падната директно преку коловозот. За случајот е известен Телеком и се очекува проблемот да биде отстранет во текот на денот.

Во Скопје, поради силниот ветер во котлината, пријавени се шест локации со паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили. За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, кои постапуваат согласно своите надлежности.

Во однос на поплавите од претходните денови во селата Чајлане, Буковиќ и Семениште, од ЦУК посочуваат дека состојбата постепено се нормализира.

На територијата на Кичево се очекува дополнителна стабилизација. Нема пријави за одрони на магистралните патишта и сообраќајот се одвива редовно.

Бројот на евакуирани лица останува непроменет – 250 лица односно 63 семејства. На нив редовно им се доставуваат храна, вода и неопходни средства. Екипи од Медицинскиот центар вршат здравствени прегледи и даваат совети на евакуираните.

Екипите на ЈП „Комуналец“ работат на расчистување и продлабочување на коритото на Зајашка Река со поддршка од механизација на локални компании. Паралелно се врши чистење на фекалната и атмосферската канализација.

Територијалната противпожарна единица, со поддршка од пумпи на подрачната организација на Дирекцијата за заштита и спасување во Кичево, продолжува со испумпување вода од подрумите на улиците „Прилепска“, „Пиринска“, „Први Мај“, „29 Ноември“ и други локации каде се пријавени поплавени објекти.

error: Содржината е заштитена од копирање !!