MKinformer

your daily dose of news

ЦУК: Поплави и одрони по обилните врнежи низ земјава

08/01/2026 8:30

Директорот на Центар за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на бројот за итни повици 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи што ја зафатија земјава.

Од ЦУК апелираат до граѓаните, доколку забележат опасности или имаат потреба од помош, истите веднаш да ги пријават на телефонскиот број 112.

Според пријавите и реализираните интервенции заклучно со 21:00 часот на вчера, регистрирани се повеќе критични состојби на територијата на државата.

На патниот правец Гостивар – Стража се евидентирани одрони, но сообраќајот засега се одвива редовно. На правецот Тетово – Бањиче има одрони покрај коловозот кои го отежнуваат сообраќајот. Кај т.н. „Цртан ѕид“ се регистрирани свлечишта и одрони, кои се расчистени со градежна механизација, а патот е соодветно обележан.

Во селото Балин Дол е забележано излевање на реката Вардар, при што се поплавени околу десет земјоделски парцели и неколку дворови. Поради зголемениот доток на вода, ХЕЦ Маврово го намалило производството на електрична енергија.

Во селата Мало Турчане и Горно Бањице се излеале Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште. Општината, како што информираат од ЦУК, не располага со соодветна механизација. Во селото Форино, паднато дрво во коритото на Вардар претставува потенцијален ризик од поплава, поради што екипа со моторна пила е испратена на терен.

Во Битола и околината, во селото Лера, регистрирана е поплава кај мост со можност за проширување кон селото, додека во селото Породин е поплавена живинарска фарма. Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, иако коритата на реките не се излеале. Одронот кај селото Сирхан е успешно отстранет.

На подрачјето на Охрид пријавени се поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавните претпријатија и локалната самоуправа. Во Кичево, на улицата „Прилепска“, поплавени се повеќе стамбени објекти, а околу 60 лица се евакуирани и привремено сместени во спортската сала „Христо Узунов“.

На патниот правец Охрид – Пештани, кај хотелот „Гранит“, регистриран е одрон, но патот е прооден. Расчистувањето на поголемите наноси се очекува во наредните еден до два часа. Во Струга, на правците Татеши – Мислодежда и Дебар – Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.

Во Општина Боговиње, поради излевање на вода од канал поврзан со изградбата на автопатот, поплавено е обработливо земјоделско земјиште, без загрозување на станбени објекти.

Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи, а граѓаните се повикуваат на зголемена внимателност и строго почитување на официјалните препораки и известувања.

error: Содржината е заштитена од копирање !!