ЦУК: Поплави и евакуации по обилните врнежи
08/01/2026 11:38
(ЦУК) утрово објави информација за состојбата по обилните врнежи од дожд низ земјава, заклучно со 09:00 часот, при што се евидентирани поплави, излевања на реки и евакуации на населението во повеќе региони.
Тетовски и Гостиварски регион
Поради интензивните врнежи, локалниот пат помеѓу селата Форино и Тумчевиште, во Општина Гостивар, е тешко прооден. За состојбата се известени ЕЛС Гостивар и ПС Чегране.
Во селото Мало Турчане е забележано излевање на Лукавичка река, а во Горна Бањица, излевање на Сушечка река. Надлежните институции и службите за итно дејствување се известени и ја следат состојбата на терен.
Охридски и Кичевски регион
Во Општина Охрид се евидентирани поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации во градот. Локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид се на терен и постапуваат по пријавите.
Реката Далјан е излеана од коритото на повеќе места, при што се поплавени голем број куќи, а службите за итно дејствување се организирани и активно интервенираат.
Во Кичево, на улицата „Прилепска“, поплавени се повеќе стамбени објекти. Извршена е евакуација на околу 100 лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На терен интервенираа екипи на Црвен крст, ДЗС, РЦУК Кичево, ТППЕ Кичево, ЈП Комуналец и Општина Кичево.
На евакуираните лица им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња. Дополнително, регистрирани се излевања на Зајашка река во реонот кај стадионот „Влазрими“ и новото училиште „Санде Штерјоски“, како и излевање на реката Треска на земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци, Вранешти и околината.
Битолски и Преспански регион
Во Битолски и Преспански регион, поради обилните врнежи е забележано значително зголемување на водостојот на реките и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места.
Во 09:00 часот е закажан состанок на Кризниот штаб на Битола, со цел утврдување на приоритетите и подобра координација на активностите за справување со последиците на терен.
Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат внимателни, да ги следат официјалните информации и при појава на опасност или потреба од помош веднаш да се јават на бројот за итни случаи 112.




