MKinformer

your daily dose of news

Трамп ги блокира новите санкции на САД кон Русија

18/02/2026 13:00

Американскиот претседател Доналд Трамп го одложува гласањето за двопартискиот закон со кој се предвидува заострување на санкциите кон енергетскиот сектор на Русија, предупредија двајца високи демократски сенатори, пренесува Yahoo News.

Говорејќи во Киев, по викендот посветен на безбедносните теми во Минхен, сенаторот Ричард Блументал изјави дека мерките што ги предложил заедно со сенаторот Линдзи Греам ќе извршат сериозен „економски притисок“ врз рускиот претседател Владимир Путин.

Според Блументал, новите санкции се неопходни и покрај тоа што постојните американски и европски мерки веќе почнале да го ограничуваат руското производство на нафта. Тој посочи дека лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тун, му ветил дека законот ќе биде ставен на гласање пред крајот на актуелната сесија на Конгресот.

„Чекаме зелено светло, а тој толку многу се колеба што секој што го следи добива вртоглавица“, изјави Блументал, алудирајќи на Трамп како главна пречка за усвојување на законот.

Во меѓувреме, сенаторот Шелдон Вајтхаус изјави дека американската администрација бележи напредок во справувањето со т.н. „флота во сенка“, танкери што ги заобиколуваат санкциите. Тој додаде дека неодамнешните интервенции на САД во близина на Венецуела покажале дека американската војска е подготвена да заплени дополнителни бродови доколку е потребно.

Разговорите меѓу Киев и Москва, со посредство на САД, продолжуваат во Женева, додека дипломатските напори за намалување на тензиите и понатаму се во фокусот на меѓународната заедница.

error: Содржината е заштитена од копирање !!