(Видео)Трендафилов: Потрошувачката кошница е поскапа за 969 денари во февруари
20/02/2026 17:10
Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) соопшти дека вредноста на синдикалната минимална потрошувачка кошничка за февруари изнесува 67.382 денари, што претставува зголемување од 969 денари во однос на претходниот месец.
Податоците ги објави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, кој посочи дека за само два месеци трошоците за живот се зголемиле за 1.890 денари. Во изминатите 24 месеци, период во кој, според синдикатот, минималната плата не е зголемена, вредноста на минималната кошничка пораснала за повеќе од 10.000 денари.
Од ССМ оценуваат дека растот на животните трошоци директно го намалува животниот стандард на работниците.
„Последните денови слушнавме дека политичарите традиционално кога се во опозиција ги поддржуваат работниците, а кога се на власт се против нив без исклучок“, изјави Трендафилов.
Тој се осврна и на податоците за просечната плата за 2025 година, која е зголемена за 9,6 проценти, нагласувајќи дека тоа ќе значи и раст на платите на функционерите, бидејќи не е променета основицата од просечна во минимална плата, ниту се намалени коефициентите на сложеност.
Од ССМ сметаат дека најавеното усогласување на минималната плата од 1.666 денари не е доволно да го компензира поскапувањето и дека работниците реално стануваат посиромашни.
Синдикатот повторно апелира за итно зголемување на минималната плата и преземање конкретни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните.





