MKinformer

your daily dose of news

ССМ излегува на масовен протест во Среда 28 Јануари

21/01/2026 16:54

Сојуз на синдикати на Македонија најави голем работнички протест што ќе се одржи во среда, со почеток од 17 часот, како израз на незадоволството од ниските плати и падот на животниот стандард. Главните барања на синдикатот се минималната плата да изнесува 600 евра, како и зголемување на сите останати плати за по 100 евра.

Протестот ќе започне од зградата на ССМ, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата. Од ССМ нагласуваат дека ова е само прв чекор и предупредуваат на можни радикални мерки доколку нема слух од институциите.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека одлуката за протест била донесена едногласно на седница на највисоките органи на синдикатот.

„Време е заедно да се избориме за достоинствени плати. Ги повикуваме сите работници кои едвај го врзуваат крај со крај, сите кои биле излажани дека ќе добијат покачување, да излезат на улица. Прагот на сиромаштија е 31.200 денари, а 33 проценти од работниците одат на работа, а се сиромашни“, истакна Трендафилов.

Тој потсети дека според анкетата на ССМ, 99,5 проценти од работниците се подготвени да излезат на протест доколку не дојде до зголемување на платите. Според него, доколку Владата и работодавачите продолжат со игнорирање, ќе следуваат дополнителни протести, таргетирани блокади и 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.

„Доколку немаат слух, ќе собереме 10.000 потписи и ќе побараме намалување на функционерските плати за 78 проценти, а минималната плата да се зголеми на 600 евра“, порача Трендафилов.

Од ССМ предупредуваат дека растот на синдикалната кошничка и иселувањето на квалификувани работници ја влошуваат состојбата на пазарот на труд. Според синдикатот, минатата година легално заминале да работат во Хрватска над 11.500 македонски работници, а уште повеќе во други европски земји.

„На 50 километри од Скопје работниците можат да работат за повисока минимална плата. Наместо да ги задржиме домашните работници, ние увезуваме странска работна сила“, нагласи Трендафилов.

ССМ повеќе од една година бара зголемување на минималната плата, истакнувајќи дека животните трошоци континуирано растат, додека платите не го следат тој тренд. Во најголем дел од земјите во регионот, минималната плата веќе надминува 500 евра.

One thought on “ССМ излегува на масовен протест во Среда 28 Јануари

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!