Артан Груби доби „само“ куќен притвор
23/02/2026 21:55
Поранешниот вицепремиер Артан Груби доби мерка куќен притвор во рамки на предметот за Државна лотарија, во кој е осомничен заедно со уште пет лица.
Од Основно јавно обвинителство Скопје информираат дека по добивањето известување оти второосомничениот доброволно се пријавил кај органите на прогонот и изразил подготвеност за соработка, постапката ќе продолжи со цел донесување на јавнообвинителска одлука.
Увид во доказите ќе продолжи
По барање на одбраната, Груби денеска бил спроведен кај надлежниот обвинител за да изврши увид во доказниот материјал. Поради обемноста на предметот, увидот ќе продолжи и во наредните денови, по што ќе му биде овозможено да даде одбрана.
Заменет притворот со куќен притвор
Обвинителството предложило замена на мерката притвор со куќен притвор и одземање на патната исправа. Како причини се наведуваат фактот дека најголемиот дел од доказите веќе се обезбедени, доброволното пријавување на осомничениот, како и индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
Според Обвинителството, овие индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи, а се однесуваат и на безбедноста на членовите на неговото семејство.
Што следува?
Во наредниот период се очекува Груби да ја изнесе својата одбрана, по што Обвинителството ќе донесе конечна одлука за натамошниот тек на постапката.





