Со месеци нефункционална Агенцијата за слободен пристап до информации
28/02/2026 13:32
Една од клучните институции задолжени за транспарентноста на власта, „Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер“ веќе три месеци не функционира, поради тоа што по истекот на мандатот на директорката во декември 2025 година не е избран нејзин наследник.
По заминувањето на тогашната директорка Пламенка Бојчева на 25 декември, институцијата останала без раководство. Иако таа претходно дала овластувања службите да продолжат со работа, тие, како што посочува во изјава за Deutsche Welle, биле поништени како неважечки.
Со тоа, практично се запрени сите функции на Агенцијата. Петнаесетте вработени од 3 декември немаат примено плата, исклучен е интернетот, а не функционира ниту веб-страницата на институцијата.
Агенцијата има задача да ја следи транспарентноста на министерствата, кабинетите на политичките функционери и другите државни органи, како и да постапува по жалби кога институциите одбиваат да дадат информации од јавен карактер.
Бојчева изјавила дека навремено ги информирала надлежните за истекот на мандатот и за фактот дека и заменик-директорот останал без функција, откако станал советник во Општина Куманово. Бил распишан оглас за избор на нов директор, но постапката не била успешно завршена.
„Многу се трудевме јас и вработените додека бев таму и ја издигнавме оваа институција на потребното ниво. Сега со огромно жалење гледам дека е нефункционална“, изјавила Бојчева.
Состојбата отвора прашања за институционалната одговорност и за тоа како во период без раководство ќе се гарантира правото на граѓаните на пристап до информации од јавен карактер, еден од темелите на демократското општество.






