Уапсен 18 годишник за лажни дојави за бомби во училишта
28/02/2026 10:54
Осумнаесетгодишно лице од тетовското село Палатица е лишено од слобода поради сомнение дека во повеќе наврати испраќало лажни дојави за поставени експлозивни направи во образовни институции во Тетово.
Како што информираат од Министерство за внатрешни работи, на 27.02.2026 во 09:10 часот, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со СВР Тетово, го лишиле од слобода М.Р. (18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека преку електронски пораки испраќал закани до повеќе училишта во Тетово, тврдејќи дека во нив има поставено експлозивни направи. По преземените мерки и извршените проверки било утврдено дека сите дојави биле лажни.
Со судска наредба бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле одземени повеќе електронски уреди. Лицето е приведено во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Од МВР апелираат дека лажните дојави за бомби претставуваат сериозно кривично дело кое предизвикува вознемиреност кај граѓаните и значително ангажирање на безбедносните служби.




