Кривична пријава за полициски инспектор: Управувал хеликоптер со фалсификувана дозвола
02/03/2026 13:50
Полициски инспектор вработен во Министерство за внатрешни работи неколку години управувал полициски хеликоптер со фалсификувана дозвола, информираат од МВР.
Според наводите, во тој период со леталото биле превезувани и високи политички функционери и министри.
🛑 Поднесена кривична пријава
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднел кривична пријава против инспекторот поради сомнение за сторено кривично дело „Фалсификување исправа“ по член 378 став 3 од Кривичниот законик.
Пријавениот, во периодот од 27 февруари 2023 до 10 април 2023 година, во својство на началник на Одделот за воздухопловни единици, со намера да стекне овластување за инструктор на хеликоптери од типот TRI BELL 206, без да ги исполнува законските услови, незаконски впишал во својата дозвола дека поседува овластување TRI B-206, наводно стекнато на 26 февруари 2020 година.
✈️ Употреба на лажното овластување
Според информациите, впишаното овластување било користено како валидно пред Управата за полициски специјалности – Воздухопловна полициска единица во Брник, Словенија, како и во две управни постапки пред Агенција за цивилно воздухопловство.
Целта, како што се наведува, била впишување на овластувањето TRI/BELL206 во неговата цивилна воздухопловна дозвола.
Случајот е доставен до надлежното обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошниот тек на постапката.






