MKinformer

your daily dose of news

Пентагон: Околу 140 американски војници се ранети во судирот со Иран

11/03/2026 16:13

Околу 140 припадници на американската војска се ранети во конфликтот со Иран, соопштил претставник на Пентагон, додека американските сили и натаму се изложени на напади со дронови и ракети на Блискиот Исток.

Според портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, најголем дел од повредените минале со полесни повреди, а 108 војници веќе се вратиле на должност. Тој за Вашингтон пост посочил дека осуммина се здобиле со тешки повреди и во моментов добиваат највисоко ниво на медицинска нега.

Еден од последните загинати е армискиот наредник Бенџамин Пенингтон, кој починал неколку дена откако бил повреден во напад во Саудиска Арабија. Претходно, уште шест американски војници загинале во напад со дрон во Кувајт.

Досега американските одбранбени власти говореа за значително помал број повредени, при што главно се споменуваа само најтешките случаи. Новите податоци повторно го отворија прашањето за реалниот обем на последиците од нападите врз американските бази во регионот.

Иако не е целосно разјаснето какви повреди претрпеле сите војници, се претпоставува дека дел од нив се здобиле со рани од шрапнели и трауматски повреди на мозокот, кои често се јавуваат по експлозии и силни удари.

Повредите на мозокот и потресите беа меѓу најчестите последици и во војните во Ирак и Авганистан, а ваквите состојби понекогаш се пријавуваат со задоцнување, бидејќи на почетокот може да изгледаат како полесни симптоми.

Во меѓувреме, американските воени претставници тврдат дека бројот на ирански балистички ракетни напади е значително намален од почетокот на конфликтот, како и нападите со еднонасочни дронови. Сепак, аналитичари предупредуваат дека намалениот интензитет не мора да значи и трајно слабеење на иранските капацитети, туку можеби станува збор за промена на стратегијата.

Објавувањето на новите бројки предизвика реакции и во Вашингтон, каде што се појавија критики дека Пентагон не бил доволно транспарентен во информирањето за бројот на ранетите американски војници.

error: Содржината е заштитена од копирање !!