MKinformer

your daily dose of news

Вучиќ со тешки обвинувања: Се подготвува напад врз Србија

13/03/2026 8:48

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во гостување на Радио-телевизија Србија изнесе сериозни обвинувања за, како што рече, намера на Хрватска, Албанија и Косово во иднина да дејствуваат против Србија.

Тој порача дека српските власти внимателно ја следат ситуацијата и дека државата се подготвува исклучиво за одбрана. Според Вучиќ, Србија нема намера никого да напаѓа, но ќе биде подготвена да одговори на секоја закана.

„Се подготвуваме за нивниот напад“, изјави Вучиќ, додавајќи дека според неговата проценка, овие структури чекаат погоден момент во услови на поширок меѓународен хаос за да дејствуваат.

Српскиот претседател нагласи дека граѓаните не треба да стравуваат и дека Србија располага со доволно сила за одвраќање. Тој порача дека државата е подготвена да ги заштити својот територијален интегритет, суверенитет и безбедноста на населението.

Во своето обраќање, Вучиќ говореше и за вооружувањето на српската армија, откривајќи детали за ракети воздух-земја со голема разорна моќ и дострел до 400 километри. Според него, Србија веќе има одредени количини од вакво оружје, а во иднина се планира и дополнително засилување на арсеналот.

Тој посочи дека станува збор за технологии кои, според неговите зборови, се покажале како многу ефикасни во други конфликти, додавајќи дека Србија располага и со воена опрема што досега не била претставена во јавноста.

Вучиќ ја коментираше и изјавата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој најавил дека Хрватска ќе го информира НАТО за вооружувањето на Србија. Во тој контекст, српскиот претседател рече дека негов приоритет е зачувување на мирот и стабилноста, но и дека не смее да дозволи Србија да биде неподготвена.

Тој оцени дека создавањето воени сојузи во регионот е директно насочено против Србија, а истовремено порача дека српската армија денес е значително посилна и подобро опремена од порано.

Според Вучиќ, Србија ќе продолжи да инвестира во воените капацитети, со цел да испрати јасна порака дека секоја потенцијална закана ќе наиде на силен одговор.

error: Содржината е заштитена од копирање !!