„Случајно“ уште еден медиум не поврзан со политика се затвара?
16/03/2026 11:19
На Наша ТВ ѝ се заканува одземање на дозволата за телевизиско емитување по вонредниот надзор што го спровела Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Надзорот бил извршен на 9 март. Притоа, ААВМУ утврдила дека радиодифузерот не ги исполнува минималните кадровски услови пропишани со правилникот за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување.
Утврден недоволен број вработени
Според податоците од службените евиденции на Агенцијата за вработување, бројот на вработени во Наша ТВ во изминатиот период бил под законскиот минимум.
Така, на 9 декември 2025 година телевизијата имала 7 вработени. На 9 јануари 2026 бројот паднал на 6. Исто толку вработени имало и на 12 февруари 2026 година.
На 9 март 2026 година биле евидентирани 9 вработени.
ААВМУ констатирала прекршување
Со надзорот, Агенцијата констатирала прекршување на член 62 став 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и на член 21 од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола.
Во документот се посочува дека, согласно член 82 став 1 алинеја 5 од Законот, Агенцијата може да ја одземе дозволата пред истекот на рокот за кој е издадена. Тоа важи ако по издавањето на дозволата настанат околности што претставуваат законска пречка за имателот да ја врши дејноста.
Предлог за одземање на дозволата
Поради утврдената состојба, предложена е мерка директорот на ААВМУ да достави предлог до Советот за покренување постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на Наша ТВ.
Тоа значи дека во следниот чекор Советот ќе треба да одлучува дали ќе се отвори формална постапка што може да заврши со бришење на радиодифузерот од регистарот.






