Македонија падна на 45. место во индексот на РСФ, слободата на медиумите сега е „проблематична“
30/04/2026 9:06
Македонија падна за три позиции на најновиот Индекс за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ и сега се наоѓа на 45. место. Лани земјата беше рангирана на 42. позиција. Македонија сега е во групата земји каде состојбата со слободата на медиумите е оценета како „проблематична“.
Во регионот, пред Македонија се само Словенија на 36. и Црна Гора на 41. место, кои се во категоријата „задоволителна“ состојба. Хрватска е 53., Бугарија 71., Албанија 83., Грција 86., Босна и Херцеговина 90., а Србија 104. место. Косово е рангирано на 84. позиција.
РСФ наведува дека општата оценка за Македонија останува иста како лани, но земјата бележи пад кај сите пет индикатори. Во извештајот се посочува дека дезинформациите, недостигот на професионализам и намалената доверба во медиумите создаваат ранлива средина за независното новинарство. Организацијата забележува и понижувачки однос на дел од владините функционери кон новинарите.
На глобално ниво, Норвешка го задржа првото место десетта година по ред. На последното место повторно е Еритреја. РСФ наведува и дека Сирија бележи најголемо подобрување годинава, со скок од 36 позиции.
Во новиот извештај се посочува дека за првпат повеќе од половина од земјите во светот се наоѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба за слободата на медиумите. Според РСФ, правниот индикатор забележал најголем пад, што укажува на засилена криминализација на новинарството ширум светот.
Организацијата предупредува дека повикувањето на принципи повеќе не е доволно. Според нив, потребни се конкретни мерки за заштита на новинарите, запирање на злоупотребата на законите за национална безбедност и посилни санкции против притисоците врз медиумите.
РСФ нотира и пад на САД за седум позиции, на 64. место. Во извештајот се наведува дека администрацијата на Доналд Трамп ги претворила нападите врз медиумите во систематска политика.





