УХМР предупредува: Денеска нестабилно време со дожд, грмежи, силен ветер и можен град
23/05/2026 8:13
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер на повеќе места низ земјата.
Според најавата на УХМР, локално се очекуваат и поинтензивни процеси во форма на невреме. Можно е да има пообилен пороен дожд, силен ветер со брзина над 60 километри на час и услови за појава на град.
Минималната температура ќе се движи од 8 до 17 степени, а максималната дневна температура ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно и нестабилно. Во делови од котлината се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер од северен правец.
Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 12 степени, додека максималната ќе достигне до 24 степени.
Граѓаните се предупредуваат на внимателност, особено во попладневните часови, кога локално се можни поизразени нестабилности и краткотрајно невреме.





