MKinformer

your daily dose of news

Напаѓачот пред Белата куќа е идентификуван како 21-годишниот Насир Бест, медиуми пишуваат дека се претставувал како Исус Христос

24/05/2026 7:20

Напаѓачот кој во саботата отвори оган во близина на безбедносен пункт пред Белата куќа е идентификуван како 21-годишниот Насир Бест, објавија американски медиуми. Според Асошиетед прес, тој бил застрелан од припадници на Тајната служба откако почнал да пука кај раскрсницата на 17. улица и Пенсилванија авенија во Вашингтон.

Според извештаите, Бест извадил оружје од торба и испукал повеќе куршуми кон агентите, по што тие возвратиле на огнот. Осомничениот подоцна починал во болница, а еден случаен минувач бил повреден и се наоѓа во сериозна состојба. Ниту еден агент не е повреден.

Во моментот на нападот, американскиот претседател Доналд Трамп бил во Белата куќа, но неговата безбедност не била загрозена. По инцидентот беше воведена краткотрајна блокада околу претседателскиот комплекс, а истрагата ја презеде ФБИ.

Дел од медиумите, меѓу кои „Тајмс оф Индија“ и „Њујорк пост“, пишуваат дека осомничениот верувал дека е Исус Христос и дека и претходно им бил познат на безбедносните служби. Асошиетед прес, пак, наведува дека бил уапсен во 2025 година при обид да влезе на друг безбедносен пункт на Белата куќа, тогаш исто така тврдејќи дека е Исус Христос.

Новинарите што во тој момент се наоѓале во близина сведочеле за паника и повеќекратни истрели, по што им било наредено веднаш да побараат засолниште. Нападот повторно отвори прашања за безбедноста околу Белата куќа, особено по неколку инциденти во пошироката зона на Вашингтон во изминатиот период.

error: Содржината е заштитена од копирање !!