(Видео)Фудбалерите на српски Раднички претепани од сопствените навивачи откако едвај обезбедија опстанок
25/05/2026 8:57
Шокантни сцени се случија по завршувањето на плеј-аут натпреварот во српската Суперлига меѓу Раднички 1923 и Јавор, откако фудбалерите на домашниот тим беа нападнати од сопствените навивачи.
На Раднички му беше потребен најмалку бод за да обезбеди опстанок во елитното друштво, а токму тоа и го направи, откако мечот заврши 2-2.
Но наместо славје по последниот судиски свиреж, на теренот следуваше вистински хаос.
Според српските медиуми, група маскирани навивачи на Раднички влетале кон теренот и почнале да ги бркаат и напаѓаат играчите на својот клуб. Во инцидентот била фрлана и пиротехника, а дел од фудбалерите се обидувале да се спасат од налетот на хулиганите.
View this post on Instagram
Најлошо, според информациите, минал играчот за врска Милош Ристиќ. Тој добил неколку удари во пределот на лицето, а при нападот му била расечена и усната.
Нередите не ги поштедиле ниту фудбалерите од спротивниот тим, а според снимките што се појавија во јавноста, дел од играчите во еден момент се обиделе и да возвратат на нападите.
На теренот настанала масовна тепачка, во која, според извештаите, дел од навивачите исто така извлекле подебел крај.
Ситуацијата на крајот ја смирила полицијата, која интервенирала и ги оттурнала хулиганите назад кон трибините.
Инцидентот предизвика бурни реакции во српската спортска јавност, особено затоа што се случи веднаш по натпревар на кој Раднички успеа да избори опстанок во лигата.
View this post on Instagram






