Од полноќ нови цени на горивата, бензините поевтинуваат, дизелот поскапува
08/06/2026 12:44
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за нови цени на горивата, кои ќе стапат во сила од 00:01 часот на 9 јуни 2026 година. Според РКЕ, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 0,46 отсто во однос на претходната одлука од 1 јуни.
Од полноќ, цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 86 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 88 денари за литар. Двата бензина поевтинуваат за по 2 денари.
Во исто време, ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе поскапи за 1,5 денари и новата цена ќе биде 87 денари за литар. За 1,5 денари поскапува и екстра лесното масло за домаќинство, кое од полноќ ќе се продава по 89 денари за литар.
Намалување има и кај мазутот М-1 НС, чија цена ќе биде 47,297 денари за килограм. Според соопштението на РКЕ, тоа е намалување од 0,609 денари по килограм.
Од РКЕ објаснуваат дека измените се резултат на движењата на референтните цени на светскиот пазар и на курсот на денарот во однос на доларот. Во последната пресметка, бензините бележат пад од 3,175 отсто, дизелот раст од 3,367 отсто, екстра лесното масло раст од 2,386 отсто, а мазутот пад од 1,488 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот бил понизок за 0,1617 отсто.
РКЕ потсетува дека ова се максимални малопродажни цени. Тоа значи дека трговците на големо и мало можат да формираат и пониски цени од утврдените граници.

