ВМРО-ДПМНЕ одбележува 36 години од основањето со народен собир во Струмица
17/06/2026 12:46
ВМРО-ДПМНЕ 36 години од основањето одбележува денеска под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“. По тој повод, на стадионот „Младост“ во Струмица ќе се одржи голем народен собир, најавен за 20:00 часот.
Од партијата ги повикаа членовите, симпатизерите, поддржувачите и граѓаните кои веруваат во напредокот и развојот на државата да присуствуваат на собирот.
Мицкоски: Идеја што стана симбол на борбата за Македонија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, во видео порака по повод годишнината оцени дека пред 36 години била создадена идеја која, како што наведе, станала симбол на борбата за слободна, независна и достоинствена Македонија.
„Пред 36 години беше создадена идеја која ги обедини сите оние кои веруваа дека оваа држава има право на сопствен пат, сопствен глас и сопствена иднина“, порача Мицкоски.
Тој се осврна на периодот од основањето до денес, посочувајќи дека државата поминала низ бројни предизвици и искушенија. Според него, силата секогаш доаѓала од граѓаните кои верувале во Македонија.
Фокус на развој, економија и институции
Мицкоски нагласи дека денес фокусот е насочен кон развој, економски раст, нови инвестиции, подобри плати, модерна инфраструктура, подобро образование, здравство и институции во служба на граѓаните.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, изјави дека изминатите 36 години биле обележани со идејата за независна и силна Македонија.
„Ова е ден кога ја одбележуваме историјата која нè обврзува и иднината која доаѓа. Точно пред 36 години се создаде идеја која беше, која е и која ќе биде водилка која нè обединува“, рече Ковачки.
„Македонија забрзува, наша обврска“
Ковачки додаде дека патот за Македонија и граѓаните не бил лесен, но дека партијата останува фокусирана на подобар животен стандард, развиена економија и европска перспектива.
Тој посочи дека мотото „Македонија забрзува, наша обврска“ ја нагласува заложбата за забрзување на реформите и надминување на, како што рече, застојот од минатото.
ВМРО-ДПМНЕ е формирана на 17 јуни 1990 година, кога во Домот на младите во Скопје било одржано Основачкото собрание на партијата.






