Кочински: Можно е прогласување епидемија во Гостивар
19/07/2026 15:56
Кочински: ЦЈЗ Тетово ќе одлучи за евентуално прогласување епидемија, анализите ќе бидат доставени до Обвинителството
Во Гостивар досега се пријавени 1400 заболени лица, а здравствените власти бележат надминување на неделниот праг на заболени преку АЛЕРТ системот
Центарот за јавно здравје Тетово во текот на денот треба да донесе одлука дали во Гостивар ќе биде прогласена епидемија на заразна болест, откако бројот на пријавени заболени достигна 1400 лица. Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги финализира анализите на примероците од водата, кои утре ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство.
Ова денеска го соопшти д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ.
Надминат неделниот праг на заболени
Кочински информираше дека првите пријави до Институтот за јавно здравје пристигнале утрово, а бројот на заболени продолжува да расте.
„Првите пријави до ИЈЗ се доставени утрово, до денес се пријавени вкупно 140 заболени лица на пријава за заразна болест кои делумно се анкетирани, а дел се анкетираат во моментот од страна на епидемиолози од Гостивар и ИЈЗ. Се забележува пораст на стапката на заболени лица преку АЛЕРТ системот и надминување на трешхолдот на неделно ниво за територијата на Гостивар“, изјави Кочински.
ЦЈЗ Тетово ќе донесе одлука за евентуална епидемија
Според него, ИЈЗ е во постојана комуникација со Центарот за јавно здравје Тетово, кој е надлежен да ја донесе конечната одлука.
„Во текот на денешниот ден ЦЈЗ Тетово ќе донесе соодветна одлука за пријавување епидемија на заразна болест. Мерките за контрола и превенција цело време се спроведуваат од сите надлежни институции, а пријавување на епидемија би значело подобра комуникација и координација на сите чинители“, рече Кочински.
Тој додаде дека ИЈЗ континуирано соработува со ЦЈЗ Тетово, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство во врска со актуелната состојба во Гостивар.
Анализите на водата ќе бидат доставени до Јавното обвинителство
По барање на Основното јавно обвинителство, стручни екипи на ИЈЗ излегле на терен и земале примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи на водата.
„По добивање на барање од страна на Јавното обвинителство, ИЈЗ веднаш излезе на терен на посочените локации и зема примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи на вода. По враќањето на екипата, веднаш се отпочна постапката за анализа на примероците“, истакна Кочински.
Тој нагласи дека лабораториските тимови работеле и во текот на викендот за што побрзо да се добијат резултатите.
„Резултатите од анализите ќе бидат доставени до барателот, Јавното обвинителство, за натамошно постапување во текот на утрешниот ден“, рече Кочински.
ИЈЗ ги стави на располагање сите свои капацитети
Освен лабораториските анализи, Институтот обезбедува и стручна помош за епидемиолошкото анкетирање и обработката на мострите од пациентите.
Кочински потсети дека Агенцијата за храна и ветеринарство на 17 јули донесе забрана за употреба на водата од градскиот водовод во Гостивар поради основано сомнение дека е загадена и небезбедна.
„Во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните на Гостивар, Институтот за јавно здравје ги ангажира сите свои стручни и лабораториски капацитети и ќе продолжи интензивно да работи до целосно утврдување на причините и надминување на состојбата“, порача Кочински.
Обвинителството ги очекува резултатите
Од Основното јавно обвинителство Гостивар соопштија дека истрагата продолжува и дека локацијата во Вруток и понатаму е обезбедена по наредба на јавен обвинител.
Оттаму информираа дека по добивањето на резултатите од анализите ќе биде донесена одлука за понатамошниот тек на постапката, а јавноста навремено ќе биде информирана.
Уште 220 пациенти со стомачни тегоби во Гостивар, вкупниот број надмина 1.400



![Денеска се регистрирани 870 нови случаи на Ковид 19, пoчинале 37 лица infektivna-klinika-1[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/infektivna-klinika-11.jpg)
