Непозната пенлива материја од Лепенец се влева во Вардар – инспектори на терен, се земаат примероци
24/07/2026 17:03
Градот Скопје започна проверки по пријава дека непозната материја од реката Лепенец се влева во Вардар, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Градските инспекциски служби веднаш излегле на терен. За случајот биле известени и инспекторите од Министерството за животна средина, кои исто така започнале проверки.
Инспекторите користеле и дрон
„Пред околу час и половина до нас како Град Скопје пристигна пријава за непозната материја која од реката Лепенец се влеваше во Вардар. Нашите инспекциски служби веднаш излегоа на терен, а дополнително ги контактиравме и инспекциските служби на Министерството за животна средина“, соопшти Ѓорѓиевски.
За откривање на изворот на можната загаденост, градските инспектори користеле и дрон за детекција и следење на водотекот.
Земени примероци за лабораториско испитување
Екипи од ЈП „Водовод и канализација“ земале примероци од водата. Тие ќе бидат испратени на лабораториско испитување за да се утврдат составот на материјата и степенот на загадување.
Град Скопје е во комуникација со Министерството за животна средина и со надлежниот министер. Целта е што побрзо да се утврдат потеклото и причинителот на загадувањето.
Ѓорѓиевски: Толеранција нема да има за никого
„Толеранција нема да има за никого“, порача Ѓорѓиевски.
Тој најави дека јавноста ќе биде информирана веднаш штом бидат добиени резултатите од анализите и дополнителни информации од надлежните институции.






