MKinformer

your daily dose of news

КУТИЈАТА ЗА ДОНАЦИИ ЗА ХРАНА ВО ВЕЛЕС E ОГРАБЕНА И ФРЛЕНА ВО ВАРДАР

30/11/2020 15:30

Вчера е украдена кутијата за донации од пред гостилницата „Боем“, во која граѓаните оставаа пари за хуманитарна помош во храна од Велес. Денес истата е најдена празна и фрлена во реката Вардар, објави непрофитната организација „Нула за гладот во Велес“ на нивниот фејсбук профил. Нивната активност е поддржана и од Општинскиот Црвен крст на Велес.

„На ‘чесниот сторител’ му посакуваме многу среќа и во здравје да си ги троши парите. Веројатно ќе му ги решат сите проблеми. Исто така, му порачуваме дека откако парите ќе се потрошат добредојден е во кујната, доколку е повторно гладен. Ќе му обезбедиме оброк на драго срце“, велат од организацијата и додаваат дека нивната мисија за нула гладни во Велес останува непоколеблива.

Првите шест месеци од акцијата истекуваат во јануари следната година, а планираат нови шест месеци со нови или стари поддржувачи на проектот.

Кујната која ги снабдува социјално ранливите категории во Велес преку непрофитната организација „Нула за гладот во Велес“ работи од 8 јули годинава, секојдневно обезбедува оброк преку гостилницата „Боем“ за 20-тина лица, а во првите три месеци од работата биле дадени 2,6 илјади оброци. Преку касата за донации пред „Боем“ се обезбедуваа парични донации од граѓани, но имаше и донации во свежи градинарски култури. Со финансиски средства како донатори месечно се јавуваат и неколкумина велешани кои живеат во странство, како и поранешниот фудбалер Панче Ќумбев и Евангелската црква со пасторот Филип.

error: Содржината е заштитена од копирање !!