Бомба фрлена кон ресторан во Тетовско
09/07/2026 16:13
Бомба фрлена од автомобил кон ресторан во Добарце, двајца повредени
Полицијата трага по сторителот, на местото се пронајдени и чаури од пиштол
Две лица се повредени во инцидент што се случил ноќеска во тетовското село Добарце, откако кон ресторан била фрлена рачна бомба од автомобил во движење.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен околу 1:20 часот од 51-годишниот Д.Ф. од Добарце, сопственик на угостителскиот објект, кој пријавил дека експлозивната направа била фрлена од патничко возило „цитроен“ додека се движело по локалниот пат.
Повредени две лица, причинета и материјална штета
Од силината на експлозијата била предизвикана материјална штета на објектот, а повредени се две лица кои во моментот се наоѓале во дворот на ресторанот.
„Од експлозијата е предизвикана материјална штета, а со повреди се здобиле Е.А.(57) од с. Чифлик, тетовско и Г.Ф.(60) од с. Добарце, кои биле во кругот на ресторанот. Повредените веднаш биле префрлени во Клиничката болница во Тетово за укажување на лекарска помош. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Тетово, при што биле пронајдени чаури од пиштол“, соопштија од МВР.
Во тек е истрага
За настанот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, а полициските екипи преземаат мерки за идентификување и пронаоѓање на сторителот, како и за целосно расчистување на околностите под кои се случил нападот.






