MKinformer

your daily dose of news

Време е за револуција на умот, и смена на гнилиот воспоставен систем

16/03/2021 16:00

Во ќорсокакот, во кој се наоѓаме, предизвикан од Ковид-19 пандемијата, немањето на доволен број на вакцини за справување со истата, блокираното и нефункционално Собрание, економските катастрофални реперкусии, навидум за нов излез од него ни се нуди лидерската средба. Овој неформален институт, во кој на зелена маса заседаваат лидерите на четирите најголеми политички партии кај нас ( две од т.н македонски политички блок/две од т.н албански), е на практика целосно суспендирање и дерогирање на институционалниот системски апарат, пред се на највисоките институции на Републиката: законодавниот дом, извршната власт, па дури ако сакате и претседателот.

Севернокорејски тип на лидери

По прогласувањето на независноста во веќе далечната 1991 година, Македонија се конституираше како повеќепартиска демократија со поделба на власта, како еден своевиден демократски поредок, кој ќе гарантира цивилна контрола врз самата власт,односно врз тие кои ја упражнуваат. Под налетот на привидната демократија, се формираа десетици политички партии, кои го заземаа своето учество на плуралната македонска политичка сцена, скоро сите без исклучок со предзнакот „демократски“ во себе си. За бизарната трагикомедија да биде целосна, партиите, до една, без исклучок на практика во своето политичко-партиско дејствување се претворија во султан авторитарни партии, потчинети под врховната волја на лидерот и на неговото најтесно опкружување. Ова се однесува и за малите пајтон партиички, кои во јавноста единствено се препознаваат по својот децениски лидер, и се постојано закачени на коалициската композиција предводена од некоја од двете доминантни локомотиви (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ), за да ги користат материјалните и моќни придобивки од власта, се до големите мастадонти на нашата политичка сцена : тој од „Бихаќка“, и тој од палатата „ Христо Татарчев“, каде што лидерот е неприкосновен ајатолах во своето однесување и политичко дејствување. За лидерите на етничкоалбанските партии кај нас, не треба да се трошат зборови, бидејќи нив може само смртта да ги смени од лидерскиот трон во својата партија. Всушност, искуството ни покажува дека и авторитарната (наметната) политичка култура на македонското политичко миље, е прилагодена на изборниот модел, кој е скроен по нејзин терк. Затворен, поделен во шест изборни единици, со номинирани партиски листи, каде што лидерот на политичката партија, по своја желба и волја ги назначува и именува идните македонски пратеници во Собранието и советници во локалните самоуправи. Понатаму истите тие лидери пресекуваат кој ќе биде кандидат за градоначалник, министер, директор. Така се создаде еден пеколен круг од кој излез нема(ше), во овие три децении, односно главните политички фактори, не сакаа да има.

Има ли излез од „деветтиот круг на пеколот на Данте“?!

Зошто е тоа така, и што треба да се промени? Едноставно, да се смени изборниот модел, да се воведат отворени партиски листи, со што граѓаните ќе имаат директно учество при изборот на своите народни избраници во институциите на системот во кои ги претставуваат, а овие, вторите, наместо да му даваат отчет на лидерот за „сработеното“, и да му бидат „лојални и горди послушници“, како што без срам и перде самите на времето си признаваа, тие ќе треба за својот изборен мандат, „отчет“ да дадат пред граѓаните, доколку претендираат за друг нареден изборен мандат. Така се гради вистинска, плурална демократија, така се гради зрело општество на отчетност и одговорност пред се, од избраните функционери пред својот електорат, и така се посадува семето на вистинската, а не потемкинова демократија, која впрочем денес ја живееме. Зошто тоа и во иднина нашите лидери нема да го спроведат?! Бидејќи се исфрустрирани, во младоста неизреализирани, полни со провинцијалска по дух надменост и самобендисаност, карикатурална суета и его, безгранично алчни по пари, власт и неограничена моќ. Бидејќи скоро и да немаше, или пак на прсти се броеја тие кои влегоа во македонската политика, како претходно професионално реализирани луѓе, кои врз база на своето претходно искуство, сакаа нешто да покажат и да пренесат од своето знаење за подобрување на општото добро. Таквите, најчесто биваа маргинализирани, и свесно отфрлени од погоре првонабројаните, бидејќи „не припаѓаа“ во засмрдениот политички жабарник, полн тиња. За жал, искуството ни покажува дека еволутивна промена во политичкиот мајндсет и култура на македонскиот политички хоризонт, наскоро нема да се случи. Барем не по пат на еволуција. За револуција не знам, бидејќи во вистинска смисла, досега и не сме ни имале . Таа „шарената “, од денешна гледна точка повеќе беше „куртон револуција“, а истиот како што видовме, е дупнат. За кое, неодамна и претседателот на државата, Стево Пендаровски, си го призна и потврди тој ноторен факт.

Колумна на Благојче Атанасоски

error: Содржината е заштитена од копирање !!