MKinformer

your daily dose of news

Од кога Охрид е воен полигон?

06/02/2026 16:01

Од кога Охрид, Струга и Радожда станаа терен за странски специјални единици?
Од кога Охридското Езеро СВЕТСКО ПРИРОДНО НАСЛЕДСТВО, под заштита на УНЕСКО се третира како резервен воен базен за НАТО вежби?

Со едно кусо соопштение, СВР Охрид ја информира јавноста дека од 7 до 20 февруари 2026 на подрачјето на Охрид и Струга ќе се одржува обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија, во рамки на вежбата BEL-SOF Exercise 26.
Без јавна дебата. Без објаснување. Без чувство за тежината на одлуката.

Прашањето е едноставно:
Кој дозволи бисерот на Македонија да стане воена сцена?

Да бидеме јасни, членството во НАТО не значи дека целата територија на државата е слободен воен полигон.
Македонија го има Криволак, огромен, наменски, изолиран воен полигон, токму за вакви активности.
Ако е потребна водна обука, има десетици вештачки акумулации, далеку од градови, туристи и од чистата и ранлива вода на Охридското Езеро.

Зошто тогаш Охрид?
Зошто Радожда?
Зошто токму таму каде што секоја грешка е туристичка, еколошка и политичка катастрофа?

И уште едно прашање што упорно го избегнуваат:
Дали Белгија би дозволила македонски специјалци „ВОЛЦИТЕ“ да тренираат во Бриж – „Венеција на северот“? Или на GRAND PLACE во Брисел?
Секако дека НЕ. Затоа што тие си ги штитат симболите. Ние … очигледно НЕ.

Од друга страна, како да бидеме сигурни дека луѓето во униформа на белгиската војска се Белгици, а не некои други?

Дополнително, меморијата не е кратка. Во 2001 година, дел од меѓународниот фактор, меѓу кој и Белгија, зазеде позиции што кај македонскиот народ останаа запаметени како политички и безбедносно контроверзни.
Денес, кога повторно се вбризгува меѓуетничка тензија од одредени политички центри, вакви потези не смируваат, туку вознемируваат.

Оваа вест не смее да помине како „рутинска НАТО активност“.
Без транспарентност, без јавна расправа и без одговорност, безбедносните институции стануваат неми извршители, а не чувари на јавниот интерес.

Охрид не е касарна.
Езерото не е полигон.
И државата не е ничија тренинг територија по дифолт.

Ако власта тоа не го разбира, тогаш проблемот не е во НАТО, туку во Скопје.

Пишува
Борислав Стоилковиќ

error: Содржината е заштитена од копирање !!