Домашен притвор за Груби, правда или договор?
24/02/2026 16:22
Во држава во која една година институциите не можат да го пронајдат човекот по кого е распишана потерница, а потоа истиот тој човек сам се појавува и наместо во притворска ќелија, завршува во домашен притвор, нешто длабоко не е во ред.
Случајот со Артан Груби, поранешен функционер на Демократска унија за интеграција, обвинет за злоупотреба на службена положба поврзана со „Државна лотарија“, не е само правно прашање. Ова е прашање на доверба. На кредибилитет. На чувство за правда.
Една година недостапен за органите на прогонот. Една година бегалец со потерница. И кога конечно се појавува … добива домашен притвор со образложение дека „не се чувствувал безбедно“ во институционален притвор.
Навистина? или како што би рекол јас СТВАРНО ЛИ?
Ако не е безбеден во притвор под надзор на државата, полицијата и службите, како ќе биде безбеден дома? Кој ќе го обезбедува дома? Приватно обезбедување (пара војска)? Или можеби неформални структури кои јавноста со право ги споменува во ироничен и гневен контекст како на пример УЧК?
Ова не е само правен апсурд. Ова е политичка порака.
Јавноста со право го поврза неговото ненадејно појавување со неодамнешните средби меѓу Христијан Мицкоски и Али Ахмети. Сомнежот за политички договор не произлезе од фантазија, туку од искуство. Во Македонија, за жал, правдата често има политичка позадина.
Навечер сомнежот се засили, обвинителот предлага, судијата одобрува, и бегалецот со потерница добива домашен притвор. Истата таа судска власт која знае да биде експресна и строга кога станува збор за „обичен“ граѓанин.
Перцепцијата е поразителна: во Македонија притворот е резервиран за народот, а домашниот комфор за поранешни функционери.
Политичките партии, очекувано, се впуштија во меѓусебни обвинувања. Едните велат, извршната власт си ја завршила работата, проблемот бил во судството. Другите зборуваат за договори и нови коалиции меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократска унија за интеграција.
Но народот гледа едно: систем што личи на паралелна држава. Извршна власт која се дистанцира од судската. Судска власт која носи одлуки што ја подгреваат недовербата. Политичари кои зборуваат како да не се дел од истиот механизам.
А вистината е едноставна, граѓаните на избори избираат една власт да управува со целата држава. Не избираат алиби-систем во кој секој ја префрла вината на другиот.
Очигледно нешто е изместено од природниот поредок. Или системот е длабоко партизиран, или јавноста намерно се држи во состојба на постојана психолошка војна – да не верува во ништо, да се разочара и да се исели.
Кога бегалец добива домашен притвор, а народот добива порака дека правдата е флексибилна категорија, тогаш проблемот не е во еден човек. Проблемот е во системот.
Прашањето повеќе не е дали постои одговорност. Прашањето е, дали воопшто некој ќе ја понесе одговороста?
Пишува
Борислав Стоилковиќ



