MKinformer

your daily dose of news

Колку пати ќе нè прават будали?

13/02/2026 21:07

Македонските вина, според најавите, наскоро ќе добиеле „официјално призната идентичност“. Но не како македонски вина. Туку како вина од некоја си „Вардарска Долина“.

И ова требало да биде успех?

Ако ова е успех, тогаш што е пораз?

Наместо државата конечно да застане зад своето име, зад својот бренд, зад својот народ, повторно гледаме тивко, бирократско, „техничко“ бришење на зборот МАКЕДОНСКИ. Нема забрана, нема официјална одлука дека не смееме да го користиме. Само „иновативно решение“, нов термин, нова амбалажа, нов маркетинг. „Вардарска Долина“.

Звучи како наслов на турска серија. Или како административна конструкција од некои минати времиња.
Да бидам по прецизен, математички прецизен со решавање равенка како некој, на што ми личи:
Вардарска Бановина + Долина на Волците = Вардарска Долина

Од „идентитетот е бетон“ до „идентитетот е еластичен“

Се сеќавате? Кога се менуваше името на државата со Преспанскиот договор, ни беше ветено дека „идентитетот е бетон“. Ништо македонско нема да се чепне. Само името на државата.

  • Го сменија уставното име.
  • Ги сменија табличките во НМК.
  • Го разградија јавниот дискурс.
  • Ја релативизираа придавката македонски.

Потоа одеднаш, придавката почна да се витка, да се сука, да се преведува, да се „усогласува“. Сообраќајниот код што требаше да остане МКД, случајно нели според закон стана НМК. Табличките на автомобилите го потврдуваат тоа.

И сега, вината дојдоа на ред. Наместо „македонско вино“, ќе имаме „вардарско вино“.

Без разлика дали лозјата се на Плачковица, на Галичица, во Тиквеш или во Овче Поле, брендот ќе биде „Вардарска Долина“.

Прашањето е едноставно:
Кој се плаши од зборот МАКЕДОНСКО?
Нели Заев беше монструмот, предавникот кој го „продаде“ името, ова сега што е? ДИВИДЕНДА ОД ПРОДАЖБАТА?

Хронологија на тивко отстапување

Да се потсетиме:

  • Во 1995 беше сменето знамето.

  • Во 2001 ја преживеавме божемната војна.

  • Во 2004 територијална поделба.

  • Во 2015 влада спротивна на вољата на народот.
  • Во 2018 промена на името на државата.

И сега, во 2026, со нова власт која во 2024 доби доверба со ветување дека ќе го врати достоинството и гордоста, сведочиме на ново „креативно“ редефинирање.

Никој не објаснува зошто македонското вино не може да биде македонско. Зошто мора да биде „вардарско“?

Ако утре сирењето стане „централнобалканско“, а јазикот „јужнословенски со локална специфика“, дали и тогаш ќе слушаме дека „идентитетот е бетон“, од некој нов „креативен“ лажов и без‘рбетен т.н. функционер, кој сака да се покаже како многу „модерен“, а богами и „креативен“ лик?

Ова повеќе не е прашање за маркетинг. Ова е прашање за самопочит.

Народ кој прифаќа да му се менува името, симболите, ознаките, придавките, брендот, чекор по чекор, ризикува да стане аморфна маса. Масa која се гмечи по потреба, зависно од геополитички ветрови и бирократски формулации.

Секој народ има црвена линија.

Дали ние ја имаме?

Или ќе продолжиме да аплаудираме на секое „ребрендирање“ што во суштина е откажување од сопствениот идентитет?

Виното не е само производ. Тоа е култура, традиција, географија, историја. Тоа е нешто што со векови се врзува за Македонија.

Нема земја во Европа што бега од своето име на производ. Франција не ги продава вината како „Сенска рамнина“. Италија не ги крсти како „Апенинска зона“ или „Везувска падина“.

Само кај нас, зборот МАКЕДОНСКО очигледно создава нервоза кај некого.

И ако денес без отпор прифатиме дека македонското вино не е македонско, туку „вардарско“, утре нема да имаме право да се чудиме кога ќе ни објаснат дека и нешто друго „поради повисоки цели“ мора да добие ново име.

Понижувањето секогаш доаѓа завиткано во обланда на „европски стандарди“, „пазарна логика“ или „стратешки интерес“.

И најтрагичното?
Ова се продава како „голем успех“.

Успех е кога ќе успееш да го пласираш македонското вино како македонско.
Успех е кога ќе застанеш зад своето име.
Успех не е кога ќе го сквернавиш или глумиш кретивност со НАЦИОНАЛНИОТ ИДЕНТИТЕТ

Но суштината останува иста, постепено навикнување дека зборот МАКЕДОНСКО е проблем.

А не е.

И затоа ова не е приказна за вино.
Ова е приказна за достоинство.

Пишува
Борислав Стоилковиќ

error: Содржината е заштитена од копирање !!