Cо 68 гласа, Ацо Ристов избран за шеф на РКЕ
08/04/2026 17:21
Ацо Ристов избран за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика
Поранешниот градоначалник на Радовиш доби 68 гласа „за“ и 15 „против“. Опозицијата го оспорува назначувањето, тврдејќи дека станува збор за партиски кадар. Левица најави претставка до Европската енергетска заедница.
Кој е Ацо Ристов?
На денешната собраниска седница, Ацо Ристов беше избран за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) со 68 гласа „За“ и 15 „Против“.
Ристов беше градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од 2021 до 2025 година. До пред еден месец беше сопственик на компанија за проектирање и изградба на мали хидроцентрали, но откако беше предложен за претседател на РКЕ, ја отстапи на друго лице.
Според Предлог одлуката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно работно и проектно искуство во енергетиката, хидроенергијата, водоснабдувањето, третманот на води, рударството и инфраструктурните системи.
Тој е член на Комората на овластените архитекти и овластените инженери на Македонија со овластување А за проектирање, надзор и изведба на објекти од прва категорија.
Полемика меѓу власт и опозиција
Пратениците од опозицијата оценија дека ВМРО-ДПМНЕ предложила партиски кадар за претседател на РКЕ. Од власта одговорија дека Ристов ги исполнува условите и дека со своето искуство, знаење и авторитет заслужува да биде на функцијата.
Амар Мециновиќ од Левица рече дека Ристов не може да биде независен во раководењето на РКЕ затоа што е близок соработник на премиерот. Тој најави дека ќе го оспори назначувањето со формална претставка до Европската енергетска заедница, бидејќи „ги нарушува критериумите на ЕЕЗ и не е независен, туку директно политички кадар на ВМРО-ДПМНЕ“.
Митко Трајчулевски од СДСМ истакна дека Ристов доаѓа од бизнис-секторот како сопственик на мали хидроцентрали, од што се откажува пред да конкурира за позицијата во РКЕ.
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ одговори дека ставовите на СДСМ не се во насока на тоа дали кандидатот е квалитетен или не. Тој истакна дека претседателот на РКЕ се бира исклучиво според Законот за енергетика и дека Ристов ги исполнува сите законски услови.
Оставка на претходниот претседател
Поранешниот претседател на РКЕ, Марко Бислимовски, поднесе оставка од функцијата на 12 февруари годинава.






