АПТЕКАРОТ ОД ОНКОЛОГИЈА КОЈ ЗЕМАШЕ ПАРИ ЗА ТЕРАПИЈА КОЈА СЛЕДУВА БЕСПЛАТНО ОСУДЕН НА ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР
12/07/2024 14:57Фармацевтскиот техничар од Клиниката за онкологија е неправосилно осуден за кривичното дело „примање поткуп“. Според пресудата, во периодот од септември и октомври 2022 година во просториите на државната Клиника за онкологија со умисла извршил две временски поврзани дејствија, па како лице кое вршело работи од јавен интерес директно побарал и примил подарок за себе за да изврши службено дејствие кое би морал да го изврши.

Тоа го сторил на начин што како вработен на позицијата фармацевтско-лабораториски техничар за да издаде имунотерапија „кејтруда“ на пациентката Минка Веизовска ѝ побарал 50 евра. Во тој момент Веизовска не му ги дала парите но му рекла дека следниот пат ќе му плати за двете имуно-терапии.
Потоа, на 21 октомври 2022 година кога дошло време таа да прима повторно терапија, тој ѝ ги побарал парите и таа му дала 100 евра кои Уштеленца ги примил од пациентката иако терапијата за неа следувала бесплатно односно била платена од парите на сите даночни обврзници преку Фондот за здравствено осигурување.
Аптекарот од Клиниката за онкологија Калтрин Уштеленца е неправосилно осуден на 2 години казна затвор за примање поткуп од сега починатата пациентка со рак на белите дробови Минка Веизовска.






