MKinformer

your daily dose of news

МВР со детали: Поранешниот правобранител примил 50.000 евра за влијание врз судија

14/12/2025 19:46

Министерството за внатрешни работи соопшти детали околу апсењето на поранешен правобранител, осомничен за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

Полициски службеници, по наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), го лишиле од слобода лицето Ф.С.

Според МВР, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, осомничениот примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание со цел да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје, како и преку поткуп да влијае да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.

Првично, Ф.С. побарал 100.000 евра за да влијае на укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кое ОЈОГОКК води посебна постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.

На 6 октомври 2025 година, осомничениот примил 30.000 евра, кои му биле предадени од сестрата на лицето во бегство. На 13 декември 2025 година, тој директно побарал и примил уште 20.000 евра, како дел од поткупот наменет за судијата.

Непосредно по примањето на паричните средства, осомничениот бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени парите. Истражната постапка е во тек.

error: Содржината е заштитена од копирање !!