MKinformer

your daily dose of news

Од затвор командувал со бандата Барон/Беланоца, со багери се трага по парите и оружјето

17/12/2024 17:05

Организирале и вршеле убиства, а главниот бос им бил во затвор и од таму ги командувал операциите на групата Беланоца/Барон, соопштија полицијата и обвинителството кои покренаа истраги за 18 лица, членови на озлогласената скопска банда.

Багери копаат дупки на места во Арачиново и Сингелиќ каде што полицијата се сомнева дека криминалната група Беланоца-Барон криела пари и оружје. Во полициската акција помага и Армијата, која и во следните денови ќе продолжи со претресите за собирање на доказен материјал против осомничените.

За лидер е посочен Фатљум Ајети – Тоте кој издржува затворска казна. Уште двајца се во притвор, а меѓу припадниците на групата има и починати и убиени во престрелките со нивните улични непријатели од бандата Грчец/Дуќанџик чиј шеф е избеган во Дубаи.

Во акцијата четворица се уапсени, еден сам си дошол во полициска станица, а останатите се недостапни. Некои дури избегале за време на акцијата што упатува дека имале добри и ефикасни кртови во полициските редови.

И шефот на групата Ајети и неговите главни помошници, Гани Туша и Зулќуфли Нуредини- Мали Репки, операциите ги воделе од затворска келија, а меѓу другото организирале изнуди и палеле автомобили на затворски чувари. Туши веќе е обвинет за убиството на Орхан Бајрами-Оки кое се одигра во Ханиоти, во Грција лани во јули.

Но, групата сега е осомничена за организација на многу повеќе убиства за кои извршителите ги плаќале со десетици илјадници евра. Едно од нив е и злосторството во Шиша бар.

error: Содржината е заштитена од копирање !!