Петмина скопјани под истрага за тероризам, ширеле пропаганда на ИСИС
17/06/2026 18:55
Истрага за тероризам е отворена против пет лица од Скопје, на возраст од 22 до 34 години, поради сомнение за терористичка организација, објави „Макфакс“.
Според Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, првоосомничениот кон крајот на 2024 година формирал интернет канал и група на социјална платформа. Во групата, според прибраните докази, членувале и останатите осомничени.
Обвинителството се сомнева дека ширеле пропаганда
Во текот на 2025 и 2026 година, преку овие комуникациски канали осомничените, според обвинителството, ширеле содржини со кои се промовирала и поддржувала идеологијата на терористичката организација ИСИС и други идеолошки поврзани терористички организации.
Целта, според наводите, била ширење пропаганда, идеолошка индоктринација и глорификација на терористички дејствија и нивни извршители.
Претреси на пет локации во Скопје
Во текот на вчерашниот ден, по наредба на судија на претходна постапка, биле извршени претреси на пет локации на подрачјето на Скопје.
Три од претресите биле во Казнено-поправната установа Затвор Идризово, каде што двајца од осомничените издржуваат казна за друго кривично дело, а еден осомничен е во притвор.
Претреси биле извршени и на две други локации поврзани со останатите осомничени лица.
Одземени електронски уреди
При претресите биле пронајдени и одземени повеќе електронски уреди и други предмети. Тие ќе бидат предмет на вештачење и понатамошна доказна постапка.
Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје делумно го прифатил предлогот на јавниот обвинител. На еден осомничен му е определена мерка притвор, а на друг му е определена мерка куќен притвор.

![Пoднeceн oбвинитeлeн aкт пpoтив ocyм лицa, пpипaдници нa ИCИC policija-mk-777x437-225346[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mk-777x437-2253461.jpg)



