MKinformer

your daily dose of news

Нови комунални услуги за жителите на Општина Аеродром: Едноставен начин за управување со отпадот

26/01/2025 21:44

Жителите на Општина Аеродром од сега имаат можност да користат нови комунални услуги обезбедени од Јавното претпријатие за комунални дејности на општината, што по прв пат се воведуваат во општините под Град Скопје, информира локалната самоуправа.

Комуналните услуги вклучуваат:

  • Превоз на отпад до депонија на градежен шут, пакуван во вреќи, кабаст, растителен, комунален отпад од домаќинства, како и отпад од комерцијалниот и индустрискиот сектор, вклучително мешан отпад
  • Машинско косење на зелени површини
  • Собирање и отстранување на искосена трева
  • Отстранување на отпад (камења, гранки и друго) пред косењето на тревата
  • Чистење на зелени површини од паднати листови
  • Поставување на контејнери за кабаст отпад на локации одредени од инвеститор
  • Подигнување на контејнери за кабаст отпад и транспортирање до депонија

Приватни и правни лица ќе можат да ги добијат овие услуги за минимален надоместок, преку закажување на телефонскиот број 072/270-886 или преку е-пошта на jp.sjo@aerodrom.gov.mk.

Собраниот отпад ќе се третира согласно сите важечки законски регулативи и ќе се депонира во ЈП „Дрисла“, со кое Јавното комунално претпријатие на Општина Аеродром веќе има потпишано договор, по претходно добиената дозвола за управување со отпад од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со воведувањето на овие нови услуги, значително ќе се олесни управувањето со отпадот за граѓаните и компаниите, а се очекува да се спречи несоодветно фрлање на отпад и градежен шут на неадекватни локации. Општина Аеродром потсетува дека инспекциските контроли се зајакнати и дека секое несовесно однесување ќе биде казнувано со парични казни.

error: Содржината е заштитена од копирање !!