„Попусто попусти“: Повик за бојкот на трговците и поддршка на локалните продавници на 31 јануари
29/01/2025 9:43
Хрватите го „разбудија“ регионот, а на социјалните мрежи се шират повици за бојкот на македонските трговци за петок, 31 јануари. Бојкот ќе се одржи и во БиХ и Црна Гора.
Со хаштагот „Попусто попусти“, македонските граѓани на социјалните мрежи ги повикуваат да кажат „НЕ“ на енормните покачувања на цените во маркетите. Изминатите години се преземаа различни мерки за контролирање на инфлацијата, замрзнувања на цените и маржите, а лани беа воведени пакети познати како „кошнички“ за поевтино купување. Сепак, ниту инфлацијата беше намалена, ниту цените се стабилизираа, што го потврдува декемврискиот инфлациски раст од 4,4% на годишно ниво.
На социјалните мрежи, граѓаните повикуваат за време на бојкотот снабдувањето со основни производи како овошје, зеленчук, леб и месо да се направи преку локалните пазари, пекарници и месарници, а не преку големите маркети, за бојкотот да има вистинско влијание.