Градската болницата 8-ми септември ќе стане регионален центар за лекување, а изградбата на новиот Клинички центар паузирана
07/02/2025 9:25
Проектот за изградба на новиот Клинички центар е привремено стопиран, а во меѓувреме планирано е Градската болница „Осми септември“ да стане регионален здравствен центар, кој ќе обезбедува лекување за пациенти од Скопје, Велес и Куманово. Оваа промена ќе има за цел да го намали бројот на пациенти кои ги оптоваруваат капацитетите на Клиничкиот центар.
Сашо Клековски, директор на Фондот за здравство, изјави дека од сите постоечки здравствени установи во Македонија, Градската болница „Осми септември“ е најблиску до стандардите на универзитетска клиника. Според него, во оваа болница се изведуваат медицински методи кои не се практикуваат во Клиничкиот центар, што ја прави „8 Септември“ со голем потенцијал за понатамошен развој.
Во 2025 година, „Осми септември“ ќе биде меѓу болниците кои ќе добијат значителни зголемувања на буџетот од страна на Фондот за здравство. Паралелно, буџетот ќе биде зголемен и за Клиниката за онкологија, каде се очекува да се елиминира недостигот на онколошка терапија. За Клиниката за детски болести, се планира да се намали возрасната граница за пациенти со цистична фиброза, кои ќе можат да примаат нови лекови како Трикафта.
Зголемените средства ќе бидат насочени и кон приватниот здравствени сектор, а од приватните здравствени установи се очекува дека ќе се подобри превенцијата и ќе се намалат трошоците за болничко лекување. За 2025 година, почетниот буџет на Фондот за здравство изнесува 53,4 милијарди денари, што е за 7 милијарди повеќе во однос на претходната година.
Со зголемувањето на буџетите, Фондот најавува и зајакнување на контролите, а директорот Клековски истакна дека директорите на болниците ќе мора да постигнат повисоки резултати во согласност со зголемените финансиски средства, за да имаат директна корист пациентите.






