MKinformer

your daily dose of news

Николоски: Започнуваме со изградба на автопатот Кичево – Букојчани, целосно ќе ги поврземе Скопје и Охрид

09/02/2025 9:58

Започнуваме изградба на нов автопат од Кичево до Букојчани. До пролет или лето ќе избереме изведувач, а во меѓувреме обезбедивме поволен кредит и неповратни средства од ЕБРД за изградбата, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето на ТВ Сител.

Тој потенцира дека токму оваа делница недостасува за целосно автопатско поврзување од Скопје до Охрид и додава дека теренот е исклучително тежок, што претставува голем предизвик за инженерите.

„Во моментов градиме автопат од Охрид до Кичево, а исто така се гради и од Тетово преку Гостивар до Букојчани, што ќе го реши проблемот со превојот Стража. Оно што недостасува е делницата од Букојчани до Кичево. Решивме да го изградиме и на тој начин целосно ќе ги поврземе Скопје и Охрид, како и Струга и Кичево. Со ЕБРД обезбедивме поволен кредит во вредност од 123 милиони евра, а од нив 20 милиони евра се грант, што претставува 20% од вкупната вредност на патот. Во моментов имаме претквалификација и очекувам да се избере изведувач до лето. Овој проект ќе биде завршен до крајот на 2028 година, а делницата од Охрид до Кичево ќе биде готова следната година, со што ќе имаме целосно поврзување. Делницата е долга околу 12 километри, но теренот е многу тежок и инженерите ќе имаат сериозни предизвици, но се нафативме и ќе го решиме“, истакна Николоски.

Тој најави дека се прават законски измени кои ќе се разгледуваат на владина седница следната недела, а кои ќе го олеснат процесот на изградба на автопатот Кичево – Охрид. Николоски додаде дека до почетокот на летната сезона, 40 километри од автопатот од Врбјани до Охрид ќе бидат пуштени во сообраќај, со мал пресек кај Ботун, поради стабилизација на косините.

error: Содржината е заштитена од копирање !!