MKinformer

your daily dose of news

Автопатот Кичево – Охрид со нов рок и уште 186 милиони евра: Завршување најавено за мај 2027

26/02/2026 16:38

Повторно се пролонгира рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид, а со новиот анекс на договорот проектот ќе чини дополнителни 186 милиони евра. Со Анекс бр. 8, потпишан меѓу Јавно претпријатие за државни патишта и кинеската компанија Sinohydro, крајниот рок за завршување се поместува на 31 мај 2027 година, односно за дополнителни 151 ден.

Новите средства се наменети за стабилизација на свлечиштата преку изградба на 14 галерии, поставување еластична одбојна ограда според европски стандарди, изградба на паралелни пристапни патишта за поврзување на населените места долж трасата, како и за воспоставување контролен центар за тунелите, вклучително и тунелот Пресека.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, посочи дека една од главните причини за новиот анекс е недоволното геотехничко истражување во првичниот проект од 2013 и 2014 година, поради што се појавиле дополнителни потреби за заштита и стабилизација на теренот. Како дополнителни причини се наведуваат рокот за обезбедување употребна дозвола и договорот изведувачот да се откаже од сите досегашни и потенцијални побарувања до крајот на 2026 година.

Според нацрт-анексот, рокот за изведба се продолжува од 4.627 на 4.778 дена, согласно правилата на ФИДИК, поради значителни измени во обемот и количината на работите. Надзорот оценува дека новиот рок е технички оправдан и остварлив, под услов да се обезбедат соодветна организација и навремено финансирање.

Автопатот, долг 57 километри, се гради од 2014 година. Досега се пуштени во употреба околу 40 километри – делниците Врбјани – Ботун и Климештани – Охрид, додека останатиот дел сè уште е во изградба. До крајот на минатата година реализирани се над 557 милиони евра, што претставува повеќе од 93 проценти од првично предвидените средства.

И покрај уверувањата од Владата дека идните инфраструктурни проекти ќе се реализираат со подобро планирање и менаџирање, автопатот Кичево – Охрид и натаму останува пример за проект со повеќекратни анекси, дополнителни трошоци и пролонгирани рокови.

error: Содржината е заштитена од копирање !!