MKinformer

your daily dose of news

Земјотресите го менуваат вулканот на Санторини: Стравови за безбедноста и туристичкиот сектор

13/02/2025 20:18

Неодамнешните промени на вулканот на грчкиот остров Санторини, кој е една од најпознатите туристички атракции во светот, се последица на земјотресите што продолжуваат да се случуваат на архипелагот Киклади, изјави професорот по геологија Танасис Ганас, директор на Националната опсерваторија во Атина.

Според извештајот на Атинската РТВ СКАИ, во споредба со мерењата од август 2024 година, утврдено е дека кратерот на вулканот се подигнал за четири сантиметри и се проширил на исток и запад за шест сантиметри.

„Не можам да кажам дека е алармантно, но ова е важна промена која треба да се следи“, рече Ганас.

Тој објасни дека овие промени се резултат на издигнување на магмата од длабочините на Земјата до магматската комора која се наоѓа на три километри под кратерот на вулканот. Според првичните мерења, магмата се зголемила за пет милиони кубни метри. За споредба, во последната активност на вулканот во 2011-2012 година, зголемувањето на магмата било три пати поголемо – 15 милиони кубни метри, и понатамошното набљудување ќе покаже како ќе се развива ситуацијата.

На островот Санторини се регистрирани повеќе од 15.000 земјотреси, со епицентар под морето, не далеку од островот, од кои најсилните биле над пет степени. Сеизмолозите претпоставуваат дека е можно да се случи последователен земјотрес со јачина од шест степени.

Додека повеќе од 12.000 од вкупно 15.000 жители го напуштиле островот, расте стравот за туризмот, кој е главен извор на приходи за Санторини со над три милиони посетители годишно.

Февруари е неофицијален почеток на туристичката сезона на островот, бидејќи започнуваат да пристигнуваат бродови за крстарење и се прават подготовки за првиот наплив на туристи за Велигден.

Додека некои угостители сè уште работат, досега е откажано само едно пристигнување на брод за крстарење, но има и помалку резервации за сместување, изјави за Би-Би-Си Андонис Пагонис, претседател на Здружението на грчките хотелиери.

Санторини во голема мера се потпира на сезонски работници од други делови на Грција и странство, но се уште не се знае колку ќе дојдат.

Овој период од годината е време за градежни работи и годишно реновирање на хотелите, но сите активности се запрени поради загриженоста за безбедноста од земјотресот.

Грчките власти брзо реагираа на опасностите од земјотресот, испраќајќи спасувачки и евакуациски тимови и прогласувајќи вонредна состојба за забрзување на помошта. Локалното население, пак, бара инвестиции во инфраструктурата на островот, каде има мали, но значителни штети, а една од главните барања е изградбата на ново пристаниште.

Санторини придонесува со 2,5% од бруто домашниот производ (БДП) на Грција, што изнесува 5,9 милијарди евра годишно.

error: Содржината е заштитена од копирање !!