MKinformer

your daily dose of news

Банките тријат раце, ќе се делат 250 милиони евра од унгарскиот кредит

14/02/2025 19:38

Голем интерес од комерцијалните банки за унгарскиот кредит.  Шестте најголеми банки поднеле барања од клиенти со кој се очекува да се надмине износот од 250 милиони евра. Само една од нив имала доставено проекти вредни 60 милиони евра. Интерес за поволниот кредит има и од помалите банки, па наредните денови се очекува до Развојната банка да стигнат и нивните побарувања. Откако ќе се потпишат договорите и со нив, ќе почне исплатата на парите.

За помош на стопанството Владата обезбеди 250 милиони евра, наменети за домашните компании, за производствени капацитети и инвестиции во обновливи извори, односно за изградба на хидроцентрали и ветерници.  Максималниот износ на кредитот е 10 милиони евра, а фирмите учествуваат со 20 отсто.

Камата која компаниите ќе им ја плаќаат на банките изнесува 1,95%.  Рокот на отплата е 15 години, а првите 3 се грејс период. Токму ниската камата е причина за големиот интерес за овие пари. Од Македонската банкарска Асоцијација потврдуваат дека веќе има конкретни проекти од заинтересирани клиенти. Откако ќе бидат завршени сите процедури (интерни и согласно законската регулатива) фирмите ќе можат да располагаат со парите.

error: Содржината е заштитена од копирање !!