Тешка сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип: Загинаа две лица
07/03/2025 19:21
Две лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа што попладнево околу 14 часот се случи на експресниот пат Кочани – Штип.
Експресниот пат Кочани – Штип продолжува да одзема животи. Попладнево, во тешка сообраќајна несреќа, на самото место кај с. Тркање, од здобиените повреди загинаа две лица. Возилата на загинатите, со кочански регистарски таблички, беа речиси целосно уништени, а за едното од нив интервенирале пожарникарите, бидејќи било зафатено од пламен. Полицијата ќе ги утврдува причините за несреќата, а од МВР апелираат на зголемена внимателност на патиштата за да се спречат слични трагедии.
Делницата што по изградбата беше промовирана како брз и безбеден пат меѓу двата града, денес е една од најопасните сообраќајни точки во земјата. Од ставањето во функција, патот има бројни жртви и стана познат по екстремно брзо возење и честите несреќи.
Според статистиката на МВР, минатата година на патиштата во земјава животот го загубиле 142 лица, бројка што министерот Панче Тошковски ја оцени како страшна и најави дека ќе се преземат мерки за намалување на овие трагични инциденти.
Како дел од решението, Тошковски го најави воведувањето на „Сејф сити“ системот, кој ќе биде инсталиран на регионалните патишта, каде брзината на возење често ја надминува дозволената. Со цел подобрување на техничките и безбедносните капацитети на МВР, тој се наоѓа во Израел на покана на компанијата „Елбит системс“, која развива системи за безбедност, вклучувајќи и „Сејф сити“.






