MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски: Jас не јадам банани, но ќе проверам за владината набавка на 600 килограми овошје

07/03/2025 20:31

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека не јаде банани, одговарајќи на новинарско прашање во врска со владината набавка на 600 килограми банани. Дополнително, Мицкоски нагласи дека во моментот пости, како и голем број на неговите колеги од Владата, бидејќи се во периодот на рамазански и велигденски пости.

„Прочитав дека Владата набавила 600 килограми банани. Лично, банани не јадам. Но, ќе го провериме тоа и ќе видиме дали навистина е така. Ако целта е да најдеме нови решенија и начин во Владата, ако е потребно да се живее на воздух, ќе кажам дека во овој период внимаваме на тоа што јадеме. Јас постам, а знам дека и многу од моите колеги од христијанската и исламската вероисповед постат и ги почитуваат овие традиции. Во овој период ќе се обидеме да ги минимизираме трошењата колку што е можно“, изјави Мицкоски на настан во Општина Кисела Вода.

„Слободен печат“ објави дека Службата за општи и заеднички работи на Владата извршила набавка на зеленчук и овошје, а во тек е оглас за набавка на риба, месо и сувомеснати производи.

Според договорите за јавна набавка, Владата ќе купува ананас, авокадо, 600 килограми банани, грозје, 500 килограми свежи ореви, јагоди, 300 килограми круши, калинки, кајсии, лупени кикирики, свежи капини, костени, лубеница, 1.100 килограми портокали, по 10 килограми цреши и папаја, како и вообичаени производи како шери домати, бамји, брокули, дајкон, аспарагус, грав, пиперки, зелка, компир и ориз.

Премиерот беше прашан и за авионскиот превоз до Будимпешта за заедничката владина седница со Унгарија. Тој изјави дека биле набавени 60 билети по цена од 700 евра, а вкупната фактура изнесувала 2.600.000 денари.

Мицкоски и министрите отпатуваа за Унгарија со авион на турската авио-компанија „Фрибрд ерлајнс“, која ги реализира чартер летовите за странските туристи што ги организира германската компанија „РСД“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!