MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски до Апасиев: Кажете го истото пред медиумите, па ќе се видиме на суд

14/10/2026 18:44

Мицкоски до Апасиев упати остри критики на денешната собраниска седница, обвинувајќи го лидерот на Левица дека од собраниската говорница изнесува лаги и клевети без да сноси одговорност за кажаното.

Премиерот Христијан Мицкоски го повика Димитар Апасиев истите тврдења што ги изнел во Собранието да ги повтори јавно, пред медиумите, порачувајќи дека е подготвен спорот да се разрешува пред суд.

„Почитуван Апасиев, навистина не ве бивало за бизнис. Сега сфатив зошто имате толку голема фрустрација од овој трет ешалон, каде што вие не можевте ни на десеттиот да дојдете во таа политичка партија, па моравте неколку да смените во меѓувреме. Прашање кога и од таму ќе ве исклоцаат“, рече Мицкоски.

Мицкоски го повика Апасиев на суд

Мицкоски тврдеше дека е во нерамноправна позиција затоа што Апасиев, како пратеник, може да ја користи собраниската говорница за изнесување обвинувања, а потоа да не сноси одговорност за нив.

„Јас ве поканувам како голем маж, храбар маж, што не сте, а не обична кукавица, да излезете ова што денеска го кажавте и надвор пред медиуми, на прес-конференција, да го кажете. И тогаш ќе се најдеме во арената каде што вие сте најјаки, а тоа е судот“, рече Мицкоски.

Потврди дека Јорданчо Јанев му е баџанак

Во однос на Јорданчо Јанев, Мицкоски потврди дека станува збор за негов баџанак, односно дека сопругата на Јанев е сестра на неговата сопруга.

Премиерот ја оспори и информацијата дека Јанев има бугарски пасош од 2017 година, тврдејќи дека тој поседува бугарски пасош уште од 2003 година.

Мицкоски рече дека Јанев е син на двајца стечајци и дека бизнисот го започнал со камион што го добил од својот татко, по што, според него, развил сопствен бизнис кој трае повеќе од 25 години.

Тој оцени дека не гледа ништо спорно доколку Јанев заработува во Бугарија и потоа парите ги троши во Македонија, додавајќи дека не разбира зошто таквиот начин на работење би бил проблем.

Обвинувања и за прославата во Струмица

Мицкоски го обвини Апасиев дека со своите тврдења ја сквернави и прославата на Светите тивериополски свештеномаченици, која, според него, со децении се одбележува како градска слава во Струмица.

Притоа, повторно го повика лидерот на Левица да ги изнесе истите тврдења надвор од Собранието и на прес-конференција, за потоа, како што рече, да ги докажува пред суд.

Мицкоски и за донациите во ВМРО-ДПМНЕ

Осврнувајќи се на партиските донации, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ има илјадници донатори, членови и симпатизери кои финансиски ја поддржуваат партијата.

Тој упати и контраобвинувања кон политичките противници, тврдејќи дека дел од нив земаат хонорари и дневници од партијата, а потоа вложуваат средства во угостителски објекти од кои остваруваат профит.

Со одговорот Мицкоски до Апасиев повторно порача дека тврдењата изнесени од лидерот на Левица треба јавно да ги повтори и, доколку е потребно, да ги докаже пред суд.

error: Содржината е заштитена од копирање !!