Силни пожари ја погодуваат Јужна Кореја: 26 загинати и илјадници евакуирани
27/03/2025 9:58
Огнот што ја зафати Јужна Кореја досега уништи повеќе од 36.000 хектари, а експертите истакнуваат дека ова е најголемата катастрофа од ваков вид што ја погоди земјата.
Владата мобилизираше илјадници лица, повеќе од 100 хеликоптери и друга опрема за гаснење на пожарите, но истакна дека силните ветрови го отежнуваат процесот.
Досега загинаа најмалку 26 лица во серијата шумски пожари што беснеат во Јужна Кореја, додека десетици илјади лица се евакуирани. Според надлежните, повеќе од 300 објекти се уништени во пожарите.
Корејската шумска служба го подигна предупредувањето за шумски пожар на највисоко ниво, повикувајќи ги локалните власти да назначат дополнителни работници за итни случаи, да ги засилат ограничувањата за влез во шумите и парковите и да препорачаат воените единици да ги прекинат воените вежби.