Познати темите за историската средба Путин–Си–Трамп во Шенжен: Светскиот поредок, нуклеарното оружје и односите меѓу големите сили на маса
17/11/2026 8:53
Средбата Путин–Си–Трамп што ќе се одржи на 19 ноември во кинескиот град Шенжен ќе биде прва трилатерална средба на лидерите на Русија, Кина и САД. Кремљ ја оценува како настан „без преседан во современиот свет“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека главните теми за разговорите веќе се усогласени. Тој, сепак, не откри детали и остави можност за отворање дополнителни прашања во текот на самата средба.
„Главните теми – да. Да не избрзуваме. Одредени аспекти ќе бидат импровизирани во текот на самиот разговор“, рече Песков.
Кремљ: Ваков формат досега немало
Песков нагласи дека досега немало формат во кој лидерите на Русија, Кина и САД седат на заедничка трилатерална средба.
Според него, разговорите не треба да се споредуваат со историските конференции во Јалта или Техеран од Втората светска војна.
Кремљ оценува дека станува збор за сосема поинаков формат и за средба со исклучително големо меѓународно значење.
Кина официјално потврди дека Си Џинпинг на 19 ноември ќе се сретне со Владимир Путин и Доналд Трамп на маргините на самитот на АПЕК во Шенжен.
Во фокусот и стратешката стабилност
Од кинеското Министерство за надворешни работи најавија дека тројцата лидери ќе разговараат за светскиот мир и за стратешката стабилност во односите меѓу големите сили.
Од Белата куќа, пак, е најавено дека Трамп планира да го отвори и прашањето за намалување на нуклеарното оружје во светот.
Песков истакна и дека Русија и Кина имаат слична визија за идниот глобален поредок, заснована на мултиполарност.
Според него, Москва и Пекинг се против концептот една држава или група држави да ја определува иднината на другите земји.
Можно е Путин и Трамп да разговараат и одделно
Покрај трилатералната средба, се разгледува и можноста Путин и Трамп да имаат посебен билатерален разговор.
Точниот термин за таква средба сè уште не е официјално утврден. Претходно Кремљ соопшти дека Москва и Вашингтон немале конечен договор за посебна средба на двајцата претседатели.
Путин ќе престојува во Шенжен на 18 и 19 ноември. Предвидени се и одделни разговори со Си Џинпинг, како и негово обраќање на деловниот самит на АПЕК.
Прва ваква средба на трите сили
Самитот на Азиско-пацифичката економска соработка се одржува на 18 и 19 ноември во Шенжен.
Најголемо внимание, сепак, привлекува средбата Путин–Си–Трамп, која треба да се одржи во четврток, 19 ноември, и ќе биде прва заедничка средба на лидерите на трите нуклеарни сили во ваков формат.






