Владата распиша тендер за мониторирање на медиуми и следење на јавниот дискурс
27/03/2025 15:56
Владата на Република Северна Македонија објави тендер за следење на медиумите, со цел обезбедување на дневни извештаи за темите што се актуелни во јавноста. Секое утро до 9 часот, 30 министерства и агенции ќе добиваат извештај со имињата на новинарите и прераскажана куса содржина на вестите објавени на телевизиите, весниците и интернет сајтовите според однапред одбрана тема.
Тендерот беше објавен на 5 март и е отворен до 4 април, кога ќе се заврши постапката за избор на фирмата која ќе биде задолжена за мониторирање на медиумите. Според документацијата, понудата треба да вклучува веб-пристап до објавите 24 часа на ден со можност за пребарување по клучни зборови, медиуми, автори и поетичност на објавите (позитивни, негативни или неутрални).
Од Владата нагласуваат дека една од клучните барања е системот да обезбеди добивање на информации во реално време, веднаш по нивното објавување, а најмногу два часа по објавата. Понудите треба да вклучуваат и модул за вештачка интелигенција, како и мобилна апликација за сите видови паметни телефони.
Според Владата, овој тендер е распишан со цел да се создадат политики кои ќе бидат во корист на јавноста и граѓаните, како и за воочување на грешки во работата на институциите. „Анализата на медиумите им овозможува на институциите да ги следат реакциите на јавноста на соопштенијата за политики, новите прашања или кризи. Следењето на трендовите и јавниот дискурс помага да се предвидат предизвиците и да се усогласат пораките со очекувањата на засегнатите страни“, велат од Владата.
Системот предвиден во документацијата не се однесува на оценка на релевантноста на самите вести, туку на проценка на пораките кои доаѓаат од медиумите и кои можат да помогнат во коригирање на евентуалните грешки во спроведувањето на политиките од страна на Владата. Медиумите се гледаат како клучен коректив и партнер во креирањето и спроведувањето на политики од заеднички интерес, истакнуваат од Владата.






