MKinformer

your daily dose of news

СДСМ: Тендерската „пирамидална мрежа“ води до шефот на кабинетот на Мицкоски, Владимир Нелоски

27/01/2026 13:36

Антикорупцискиот тим на Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска излезе со нови обвинувања за, како што ја нарече, организирана тендерска шема поврзана со врвот на власта, која директно води до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски.

На прес-конференција, генералниот секретар на СДСМ и претставник на Антикорупцискиот тим, Александар Саша Димитријевиќ, изнесе серија тврдења и документи за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според СДСМ, добила 51 тендер во вредност од 16 милиони евра од општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.

Фирма – тендер фаворит и партиска поврзаност

Според СДСМ, преку дигиталната платформа МИЦКО.мк, било утврдено дека сопственикот на „Пирамид билдинг солушнс“ бил член на избирачки одбор на ВМРО-ДПМНЕ, што, според партијата, укажува на директна политичка поврзаност меѓу фирмата и владејачката структура.

Антикорупцискиот тим тврди дека тендерската мрежа не застанува на една фирма, туку се шири преку семејни и партнерски компании, кои добиваат милионски договори од институции под контрола на власта.

Спортски сали и милионски договори

Како дополнителен пример, СДСМ наведе дека Оливера Доновска, сопруга на сопственикот на „Пирамид билдинг солушнс“, има фирма заедно со Филип Гулевски, чија друга компанија добила тендер од 1,1 милион евра од Министерството за спорт за проектирање и изградба на спортски сали во Крушево и Аеродром.

„Новата бомба“: врска со кабинетот на премиерот

Според Димитријевиќ, најновите сознанија покажуваат дека пирамидалната мрежа води директно до кабинетот на премиерот.

Тој посочи дека Оливера Доновска е сопственичка и управителка на фирмата „ТРГО СТРОЈ ДОО Скопје“, основана во 2019 година, а по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, на 11 април 2025 година, како содружник во фирмата влегол Јовица Нелоски.

Јовица Нелоски, според СДСМ, е татко на Владимир Нелоски, шеф на кабинетот на премиерот Мицкоски.

Политичка порака и најави

СДСМ оцени дека станува збор за класичен модел на фамилијарно-партиска распределба на јавни пари, додека истовремено, како што велат, нема средства за зголемување на минималната плата, платите и пензиите.

„Тендер на овој, тендер на оној, фирма на еден роднина, фирма на друг роднина – ова е уште еден доказ дека тендерските шеми водат директно до кабинетот на Мицкоски“, порача Димитријевиќ.

Од Антикорупцискиот тим најавија дека истражувањето продолжува и дека ова, како што велат, не е последната „бомба“.

 

One thought on “СДСМ: Тендерската „пирамидална мрежа“ води до шефот на кабинетот на Мицкоски, Владимир Нелоски

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!