MKinformer

your daily dose of news

МВР формира национален комитет за заштита на новинарите

30/01/2026 14:50

Безбедноста на новинарите претставува еден од врвните приоритети на Министерство за внатрешни работи, кое информира дека е во тек постапка за формирање национален комитет за заштита на новинарите. Овој механизам треба системски да ја унапреди медиумската слобода и безбедноста на медиумските работници во државата.

Од МВР посочуваат дека целта на комитетот е да обезбеди координација меѓу институциите, медиумските организации и граѓанскиот сектор, да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите и да изработи национален акциски план усогласен со европските стандарди. Комитетот ќе предлага мерки за превенција, заштита и гонење на сторители, како и активности за подигање на јавната свест, вклучително и имплементација на кампањата „Новинарите се важни“ (Journalists Matter) на Совет на Европа.

Со формирањето на овој комитет се очекува воспоставување стабилен институционален механизам за заштита на новинарите, подобра координација меѓу државните органи и медиумските организации, зголемена доверба меѓу новинарската заедница и институциите, како и подобрување на позицијата на државата во меѓународните извештаи за медиумска слобода.

Од МВР нагласуваат дека слободата на изразување и медиумите се темелни демократски вредности гарантирани со Уставот и меѓународните договори. Како земја членка на Советот на Европа и држава со јасна европска перспектива, Република Македонија има обврска да обезбеди безбедна и поволна средина за работа на новинарите.

Во текот на 2025 година, институционалниот ангажман за унапредување на безбедноста на новинарите продолжил со редовни консултации, следење на пријавените закани и напади, како и размена на информации меѓу надлежните институции и медиумските здруженија. МВР, во соработка со Здружение на новинарите на Македонија, веќе неколку години води јавно достапен регистер на напади врз новинари и има воспоставено јасни протоколи за постапување.

Посебно внимание се посветува и на онлајн-вознемирувањето, особено кон жените новинарки, при што во Секторот за компјутерски криминал е назначена контакт-точка за побрзо реагирање. Паралелно, се реализираат бројни обуки, работилници и средби со цел зајакнување на соработката, довербата и професионалните стандарди меѓу полицијата и новинарите.

Од МВР оценуваат дека формирањето на националниот комитет е значаен чекор напред кон создавање безбедна средина за медиумските работници, што директно придонесува за зајакнување на демократијата, владеењето на правото и европската иднина на државата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!