3 Мај, светски ден на слободата на медиумите
03/05/2026 10:21
3 Мај – Светски ден на слободата на медиумите: Најголем пад на слободите од Втората светска војна
„Обликување на иднина во мир“, мото на глобалната конференција во Замбија
Под мотото „Обликување на иднина во мир“, утре и задутре во Лусака, Замбија, ќе се одржи глобалната конференција по повод 3 Мај, светскиот ден на слободата на медиумите.
Овој ден беше воспоставен врз основа на одлука на Генералното собрание на ОН и по препорака на Генералното собрание на УНЕСКО од 1991 година. Се одбележува од 1993 година, секогаш на 3 мај, со цел да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсети на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.
Датумот е избран како годишнина од усвојувањето на Декларацијата Виндхоек од 1991 година за промовирање на независно и плуралистичко африканско новинарство, донесена од африканските новинари во Виндхоек, Намибија.
УНЕСКО: Пад споредлив со двете светски војни и Студената војна
Како што наведува УНЕСКО на својата интернет страница, слободата на медиумите и независното новинарство се клучни за мирот, економското закрепнување, одржливиот развој и човековите права.
Според Извештајот за светските трендови на УНЕСКО за периодот 2022-2025, слободата на медиумите доживеа најголем пад од 2012 година. Овој пад е споредлив со оној што се забележува во најнестабилните периоди од 20 век, двете светски војни и Студената војна.
„Манипулацијата со информации, вклучително и употребата на вештачката интелигенција од страна на злонамерни актери, ја ослабува довербата и националната безбедност. Самоцензурата порасна за повеќе од 60 отсто, поттикната од страв од одмазда, онлајн вознемирување, судско заплашување и економски притисок“, се наведува во извештајот на УНЕСКО.
ЕУ: 2025 година, најсмртоносна за новинарите
Европската Унија, по повод 3 Мај, порача дека слободните и независни медиуми претставуваат темел на секое демократско општество и дека новинарите мора да бидат заштитени во сите околности.
ЕУ предупредува дека ширум светот е сè поизразено насилството врз новинарите, вклучувајќи убиства, повреди, закани, произволни апсења и присилни протерувања. Посебно се истакнува дека новинарките се несразмерно често мети на родово засновано насилство, вклучувајќи и онлајн вознемирување.
2025 година беше најсмртоносната за новинарите на глобално ниво. Убиствата и нападите врз медиумските работници, вклучувајќи ги и оние во војната на Русија против Украина, како и во војните на Блискиот Исток (особено во Појасот Газа, Либан и Африка), мора да бидат темелно истражени, а одговорните казнети.
Закани од тужби за застрашување и пропаганда
ЕУ исто така предупредува дека правото на информирање е сè позагрозено со раст на притисоците како што се застрашувањата и тужбите за застрашување на јавноста (SLAPP) , кои поттикнуваат автоцензура кај новинарите. Воедно, се осудува репресијата врз новинарите од страна на авторитарните режими ширум светот, вклучувајќи го насилството и притисоците во Иран.
Од ЕУ додаваат дека ограничувањето на мрежите на странски дописници остава простор за ширење опасни и непроверени информации, додека поединечни канали кои се претставуваат како медиуми шират лажни вести.
Во Македонија, четврта крводарителска акција
Во Северна Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) заедно со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и во соработка со Црвениот крст го одбележа 3 Мај со крводарителска акција на 29 април. Ова е четврта година по ред дека Денот на слободата на медиумите се одбележува со порака дека солидарноста е основа на новинарството како професија која базира на заштита на јавниот интерес.






